Бришењето на „бугарски окупатор“ не е негирање на идентитетот, велат од ВМРО-Народна

од Берта Китинска

ВМРО-Народна партија денеска преку соопштение до јавноста застана зад идејата за бришење на зборот „бугарски” пред фашистички окупатор во учебниците и на спомениците , со објаснување дека се работи за цивилизациски код кој фиункционира во цела Европа, и е дел од повоената европска политика, а не негирање на македонскиот идентитет.

„Вообичаено кога зборуваме за компромиси кои треба да ги направиме со нашиот сосед Република Бугарија, противниците на таа идеја го изнесуваат аргументот дека со тоа се негира нашиот идентитет и македонската нација.

Во најновиот став на премиерот Заев за промена на учебниците и насловите на одредени споменици кај што треба да се избрише зборот ‘бугарски’ фашистички окупатор не можеме да препознаеме ништо со што се навлегува во македонскиот идентитет ниту пак тој се негира.

Едноставно се работи за цивилизациски код кој функционира во цела Европа, и е дел од повоената европска политика”, се наведува во партиското соопштение.

Според ВМРО-НП, меѓу напаѓачите на идејата се сите оние исти имиња кои десетици години наназад не дозволуваат ниеден чекор да се направи во однос на зближувањето со соседна Бугарија.

„И конечно на крајот сите тие ‘коментатори’ да ги запрашаме јавно, кога дојдоа бугарските фашистички окупатори во Македонија, дали Македонија беше слободна и демократска или имаше некој друг окупатор во Македонија и кога ќе се осмелат да кажат дека пред таа фашистичка окупација имаше друга окупација која траела 23 години претходно во Македонија”, се додава во соопштението.

Слични содржини