Британија ја објави новата дефиниција за екстремизам

Денешните мерки ќе гарантираат дека владата нема ненамерно да обезбеди платформа за оние кои се обидуваат да ја срушат демократијата и да ги негираат основните права на другите луѓе.

од Бети Божиноска

Британија денеска ја претстави новата дефиниција за екстремизмот како одговор на ерупцијата на злосторства од омраза против Евреите и муслиманите по нападите на Хамас врз Израел на 7 октомври иако критичарите велат дека промената ризикува да ја наруши слободата на говорот, пренесува „Ројтерс“.

Претходно овој месец, премиерот Риши Сунак предупреди дека исламистичките и екстремно десничарските екстремисти намерно ја поткопуваат британската мултиетничка демократија и дека треба да се преземат повеќе мерки за да се реши проблемот.

Бројот на антисемитски инциденти достигна рекордни нивоа во 2023 година, зголемувајќи се за 147 отсто од нападите на 7 октомври, посочува Community Security Trust, еврејски надзорно тело за безбедност. „Тел мама“, група која ги следи антимуслиманските инциденти, минатиот месец информираше дека и злосторствата од омраза против муслиманите се зголемиле за 335 отсто.

„Денешните мерки ќе гарантираат дека владата нема ненамерно да обезбеди платформа за оние кои се обидуваат да ја срушат демократијата и да ги негираат основните права на другите луѓе. Ова е прва од серијата мерки за справување со екстремизмот и заштита на нашата демократија “, истакна Мајкл Гоув, министер за заедници кој го предводи одделот што ја создаде новата дефиниција за екстремизам.

Новата дефиниција вели дека екстремизмот „е промовирање или унапредување на идеологија заснована на насилство, омраза или на нетолеранција, која има за цел да ги уништи основните права и слободи или да ја поткопаат или заменат либералната парламентарна демократија на Обединетото Кралство, или намерно создаваат средина за другите да ги постигнат тие резултати“.

Британија веќе забранува групи за кои вели дека се вклучени во тероризмот, а поддржувањето или членството во таквите организации е кривично дело. Меѓу 80-те меѓународни организации што се забранети е и палестинската милитантна група Хамас.

Групите кои ќе бидат идентификувани како екстремистички по „темелната“ проценка во текот на следните неколку недели нема да бидат предмет на никакви активности според кривичните закони и сè уште ќе им биде дозволено да одржуваат протести, но владата нема да им обезбеди никакво финансирање или каква било друга форма на ангажман.

Во моментов, ниту една група не е официјално дефинирана како екстремистичка користејќи ја поранешната дефиниција која е на сила од 2011 година.

Во интервјуто во неделата, Гоув посочи дека некои неодамнешни големи пропалестински маршеви во центарот на Лондон биле организирани од „екстремистички организации“ и луѓето би можеле да изберат да не ги поддржат таквите протести ако знаат дека им даваат доверба на такви групи/организации.

Дури и пред да биде објавена новата дефиниција, критичарите предупредија дека може да биде контрапродуктивна. Надбискупот од Кентербери и поглавар на Англиканската црква, Џастин Велби, предупреди дека постои ризик новата дефиниција за екстремизмот да поттикне поделби и дека „ризикува несразмерно да ги таргетира муслиманските заедници, кои веќе се соочуваат со зголемено ниво на омраза и злоупотреба“.

Велби посочи дека тоа може да заврши со „етикетирање на повеќестраниот проблем како екстремизам од омраза“ и дека може „да оцрни погрешни луѓе“ и да ја загрози и слободата на говорот и правото на мирни протести.

Повеќе од 50 преживеани или роднини на жртвите на исламистичките напади во Британија исто така испратија писмо во кое обвинуваат некои политичари дека им прават услуга на милитантите „изедначувајќи го тоа се биде муслиман со тоа да се биде екстремист“.

Слични содржини