Британската економија стагнираше во јануари во споредба со претходниот месец, покажаа денес податоците од Британската канцеларија за национална статистика (ONS), а аналитичарите предупредуваат дека економијата е во опасност од рецесија поради повисоките цени на нафтата предизвикани од војната на Блискиот Исток.
Според податоците од Британската канцеларија за национална статистика, бруто домашниот производ на Велика Британија не порасна во јануари, иако пазарите очекуваа зголемување од 0,2% на месечна основа.
Секторот за услуги, кој сочинува околу три четвртини од британската економија, исто така стагнираше, додека индустриското производство малку се намали, а градежништвото порасна за 0,2%, објавува „Гардијан“.
Во трите месеци до јануари, британската економија порасна за само 0,2% во споредба со претходниот квартал, додаде ONS.
„Британската економија веќе беше меѓу најслабите меѓу развиените земји во однос на стапката на раст. Затоа, сегашниот скок на цените на нафтата би можел не само да ја зголеми инфлацијата, туку и да ја турне економијата во рецесија, со зголемување на невработеноста и пад на БДП“, предупредува Томас Вијеладек, економист во инвестициската компанија „Т. Роу“, додавајќи дека постои ризик од стагфлација.
Аналитичарите наведуваат дека порастот на цените на енергенсите почнал да ги менува проценките за економскиот раст за оваа година.
Претходните прогнози за раст на британската економија од околу еден процент сега се почесто се ревидираат подоле, во некои сценарија дури и на само 0,1 до 0,6 проценти.
Пазарите очекуваат Банката на Англија да ја задржи својата референтна каматна стапка на околу 3,75 проценти следната недела, додека некои инвеститори проценуваат дека каматните стапки би можеле да се зголемат до крајот на годината, пренесува Танјуг.