Британската полиција уапси петмина мажи, меѓу кои и четворица ирански државјани, под сомнение дека планирале да извршат терористички акти, соопшти денес полициската прес-служба.
„Апсењата се извршени во Лондон, Свиндон и поширокото подрачје на Манчестер, а се поврзани со сомневања за можно планирање напад врз одреден објект. Мажите, на возраст меѓу 29 и 46 години, се уапсени под сомнение за подготовка на терористички акт и ќе бидат задржани во притвор“, се вели во соопштението на лондонската полиција, според дневниот весник „Гардијан“, додавајќи дека националноста на еден од уапсените сè уште се утврдува.
Полициската единица за антитерористичка акција контактирала со локацијата која наводно била цел на нападот, со цел да ги информира присутните за заканата и да им обезбеди соодветни совети и поддршка, но од оперативни причини точната локација не била откриена.