Британската влада ја осуди поддршката на навивачите на Челзи за Роман Абрамович

од Nikola Popovski
449 прегледи

Британската влада ја нарече „целосно несоодветна“ поддршката и скандирањето на името на Роман Абрамович од страна на навивачите на Челзи, кој се соочува со санкции поради неговата наводна блискост со Владимир Путин.

На почетокот на март навивачите на Челзи го скандираа името на рускиот олигарх при гостувањето кај Барнли за време на еден минутен аплауз за поддршка на Украина, која беше нападната од Русија.

Тренерот на Челзи, Томас Тухел, веднаш по натпреварот се огради од овие постапки.

„Не беше време за тоа. Ако сакаме да ја покажеме нашата солидарност, тоа треба да го направиме сите заедно“, рече Тухел.

„Свесни сме за силните чувства околу Челзи, но тоа не го оправдува ставот кој е целосно несоодветен во моментов. Мислам дека луѓето можат да ја покажат својата страст и поддршка без прибегнување кон овие работи“, изјави портпаролот на британскиот премиер Борис Џонсон.

Откако Абрамович го купи клубот во 2003 година, Челзи освои 19 трофеи и стана еден од најдобрите англиски клубови. Поради големите инвестиции и освоените трофеи, Абрамович ужива голема репутација меѓу навивачите на Челзи.

Санкциите што беа преземени против него го погодија и клубот. Абрамович реши да го стави клубот на продажба, а целата ситуација само ја зацврсти врската со навивачите.

Владата посочи дека не се противи на продажбата на клубот, но под посебни услови.

„Отворени сме за продажба на клубот, подготвени сме и за промена на лиценцата (според која клубот е овластен да продолжи со работа) со што би се овозможила нејзина реализација, доколку околностите го дозволат тоа“, изјави портпаролот.

Слични содржини