Британското Министерство за правда би можело да го реши проблемот со недоволниот капацитет за сместување на мигрантите без документи со електронски мониторинг, пишува „Тајмс“, повикувајќи се на информирани извори.
Според Законот за илегална имиграција, владата мора да ги смести луѓето кои илегално влегле во Британија во притворни центри и да ги депортира во Руанда или во друга „безбедна“ земја. Бидејќи капацитетот за сместување е недоволен, службениците сега мора „темелно да бараат“ алтернативни решенија, пишува „Тајмс“.
Пожелно би било да се зголеми бројот на сместувачките центри, но се разгледува и можноста за електронско следење и укинување на паричната помош на оние кои не се јавуваат редовно во МВР, вели изворот за медиумот.
„Министерството за внатрешни работи уште од самиот почеток сакаше да воведе мерка за електронско следење и смета дека тоа е подобро решение од одбивањето финансиска помош, правно тешка опција која би вклучувала закана од сиромаштија за мигрантите“, изјавил изворот за „Тајмс“.
На прашањето дали се разгледува можноста за електронско следење, извор близок до министерката за внатрешни работи Суела Браверман одговори: „Веќе ја спроведуваме (мерката)“.
Последните податоци на МВР покажуваат дека од почетокот на годината преку каналот Ла Манш во Британија пристигнале над 19.000 мигранти и покрај ветувањето на премиерот Ричи Сунак дека ќе ги „запре чамците“. На крајот на јуни, повеќе од 175 илјади луѓе ја чекаа одлуката на властите за азил, а трошоците за издршка пораснаа на речиси четири милијарди фунти (пет милијарди долари), според ДПА.