Британски лекари: Скратете го временскиот интервал помеѓу двете дози

од Stefanija Kuzmanovska
356 прегледи

Група британски лекари испратиле писмо до главниот епидемиолог во кое бараат да го намали временскиот интервал помеѓу двете дози на вакцината на  Фајзер/Бионтек од 12 на шест недели.

Велика Британија одлучи да го даде главниот приоритет на вакцинирање на што повеќе луѓе, па го продолжи временскиот интервал помеѓу првата и втората доза од три на 12 недели. На овој начин, властите сакаат да обезбедат заштита на што повеќе луѓе од коронавирусот.

Но, Фајзер и Бајонтек постојано предупредуваат дека нема докази дека вакцината ќе ги задржи своите заштитни својства против вирусот доколку втората доза не се администрира 21 ден по првата.

Во писмото до Крис Вити, Здружението на британски лекари (БМА) истакнува дека ја поддржува одлуката за употреба на втората доза на вакцини за најмногу 42 дена од првата инокулација, така што подолг временски интервал не е во согласност со упатствата на СЗО.

„Британската стратегија е се повеќе изолирана и отстапува од практиката на голем број земји“, се вели во писмото.

Лекарите предупредуваат и дека, со оглед на непредвидливоста при набавката, нема гаранција дека дозите на вакцината на Фајзер ќе бидат достапни во рок од 12 недели.

Вити рече дека одлуката за продолжување на временскиот интервал помеѓу двете дози е донесена во интерес на јавното здравство, во уверување дека првата доза носи најголема заштита и затоа е важно да се вакцинираат што повеќе луѓе со таа доза.

Околу 5,38 милиони Британци ја примија првата доза на споменатата вакцина.

 

Слични содржини