Британски суд го одби барањето на Асанж за одложување на судењето

од Vladimir Zorba
152 прегледи

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, кој се бори против екстрадиција во САД од Велика Британија, не успеа да ги одложи судските рочишта кои продолжија по неколкумесечна пауза поради пандемијата на коронавирус.

Асанж, кој се појави на суд избричен и во костум, одбива да биде екстрадиран.

Во јуни, американските власти покренаа ново, пошироко обвинение против него, кое содржи 18 точки од обвинението.

49-годишниот Асанж, роден во Австралија, е обвинет за заговор за хакирање државни компјутери и кршење на законот за шпионажа.

Судијата го одби барањето на адвокатот на Асанж да го одложи судењето за јануари, за одбраната да има повеќе време да се подготви за новото американско обвинение.

„Не можеме да ги собереме потребните податоци и да одговориме на случајот што се појави во последните неколку недели“, рече адвокатот на Асанж, Марк Самерс.

Поддржувачите гледаат на Асанж како поборник за слобода на говорот кој ја откри американската злоупотреба на моќ.

Неговите критичари велат дека со објавување на доверливи документи, тој несовесно ги загрозил животите на разузнавачки извори во Ирак, Иран и Авганистан.

Тој е мета на критики затоа што Викиликс, исто така, објави илјадници хакирани електронски пораки поврзани со кампањата на Хилари Клинтон, пред изборите во 2016 година.

Тој ги негираше обвинувањата на американските обвинители, кои тврдат дека Викиликс ги добила тие документи од руски хакери. Тоа прашање не е дел од судењето.

Неговиот правен тим во Лондон тврди дека американските обвинувања против него се политички мотивирани и претставуваат закана за слободата на медиумите.

Адвокатите предупредуваат дека Асанж би можел да изврши самоубиство доколку биде екстрадиран во САД, каде би можел да мине со децении во затвор.

Слични содржини