Министерот за здравство на Обединетото Кралство, Саџид Џавид синоќа изјави дека вакцините против Ковид-19 би можеле да бидат помалку ефикасни против новоидентификуваниот сој на коронавирусот.
„Она што го знаеме е дека овде има значителен број мутации, можеби двојно повеќе од бројот на мутации што ги видовме во варијантата делта“, им рекол Џавид на новинарите, пренесува Ројтерс.
Според британскиот министер, тоа укажува дека може да биде позаразна и дека сегашните вакцини со кои располагаме би можеле да бидат неефикасни.
Научниците денеска предупредија дека нов сој на коронавирус кој има „исклучително голем број“ мутации може да предизвика нови бранови на болеста, заобиколувајќи ги одбрамбените механизми на телото.
Геномското секвенционирање потврди само 10 случаи на оваа варијанта на вирусот во три земји, но овој сој предизвика сериозна загриженост кај некои истражувачи, бидејќи бројните мутации можат да му овозможат на вирусот да го заобиколи имунитетот, пренесува „Гардијан“.
Варијантата Б.1.1.529 има 32 мутации во спајк протеинот, дел од вирусот што повеќето вакцини го користат за да го подготват имунолошкиот систем за борбата против Ковид-19.
Овој сој за прв пат беше забележан во Боцвана, каде што беше потврден со секвенционирање во три случаи, а уште шест беа потврдени во Јужноафриканската Република и еден случај во Хонг Конг кај патник кој се враќал од Јужна Африка, пишува британскиот весник.