Британскиот МО: Ерата на мирот заврши, посебно треба да се внимава на овие четири држави

од Stefanija Kuzmanovska
233 прегледи

Велика Британија треба да се подготви за идни војни кои би можеле да избијат во следните пет години, во кои ќе бидат вклучени и Кина, Русија, Северна Кореја и Иран, изјави британскиот министер за одбрана Грант Шапс, пишува „Тајмс“.

Тој исто така рекол дека светот мора да премине во „предвоена фаза“ бидејќи глобалните конфликти ескалирале и ги повика сојузниците во НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана за да се постигнат целите на алијансата од два отсто од БДП.

Во својот говор во Ланкастер Хаус, по воздушните напади на САД и Велика Британија против Хутите поддржани од Иран, Шапс исто така рече дека западните противници се вооружуваат себеси и нивните сојузници што „го направи светот многу поопасен“.

Додаде дека Иран збогатил ураниум до 83,7 отсто во обид да изгради нуклеарно оружје. Тој исто така наведе дека севернокорејските балистички ракети се користат од страна на Русија во нападите врз Украина.

Шапс предупреди дека Кина ја следи реакцијата на Западот кон Украина, особено по изборот на кандидат против Пекинг во Тајван минатиот викенд.

„Додека Русија ја продолжува својата нелегална кампања во Украина, Кина проценува дали Западот ќе го загуби трпението. Во рок од пет години би можеле да се соочиме со бројни закани, вклучувајќи ги Русија, Кина, Иран и Северна Кореја. Гледајќи ги конфликтите во светот денес, запрашајте се дали бројот на конфликти ќе се зголеми или намали? Претпоставувам дека сите го знаеме одговорот – веројатно ќе се зголеми. Генерално, овие комбинирани закани го ставаат во опасност меѓународниот поредок заснован на правила, воспоставен за одржување на мирот по Втората светска војна. Тажно е што денешниот свет е многу поопасен“, заклучи тој.

Слични содржини