Британскиот суд денеска официјално ја одобри екстрадицијата на основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж во САД, каде тој е обвинет за шпионажа, а одлуката ќе ја донесе извршната власт во Лондон.
Дали ќе ја одобри екстрадицијата сега треба да одлучи британската министерка за внатрешни работи Прити Пател, а Асанж се уште има право на жалба.
Минатиот месец британскиот Врховен суд не му дозволи на Асанж да поднесе жалба на пресудата на понискиот суд за да може да биде екстрадиран.
Асанж со години се обидува да избегне судење во САД, каде што е обвинет за објавување голем број доверливи документи пред повеќе од една деценија.
Неговите адвокати имаат рок од четири недели да му ги претстават аргументите на министерот Пател, а можат да побараат и жалба до повисокиот суд.