Поп-принцезата Бритни Спирс беше уапсена на почетокот на март во округот Вентура, Калифорнија, поради возење под дејство на алкохол и наркотици.
Пејачката сега доброволно се пријавила во центар за лекување од зависност, нешто повеќе од еден месец по инцидентот, објавија странските медиуми. Оваа вест ја потврди нејзиниот соработник, истакнувајќи дека Бритни сама ја донела одлуката да побара помош.
Како што пренесеуваат странските медиуми, Бритни била приведена во Калифорнија поради небезбедно возење. Полициските службеници ја запреле на патот поради сомнение дека била под дејство на алкохол и наркотици. Таа брзо била ослободена од притвор, а следното рочиште е закажано за 4 мај.
Нејзиниот претставник по инцидентот изјави дека станува збор за „целосно непростлив“ потег, но и дека пејачката е подготвена да го почитува законот и да ги преземе потребните чекори за да го стабилизира својот живот.
Според наводите на магазинот „Пипл“, Бритни и нејзиниот најблизок круг луѓе процениле дека одењето на лекување во моментов е најдобриот чекор за нејзиното здравје и благосостојба. Извор близок до пејачката открил дека се чувствувала засрамено и емоционално исцрпено по апсењето и дека сака да направи промена во својот живот.