Премиерката на Република Србија, Ана Брнабиќ, денеска на состанокот посветен на состојбите во Унијата, што се одржува во Фиренца, изјави дека стратешка цел и приоритет на Србија е членството во Европската унија, додавајќи дека ова е случајот со целиот Западен Балкан.
На панелот „Криза и промени – европска перспектива на Западен Балкан“, на кој присуствуваа и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Белград-Приштина, Мирослав Лајчак и шефот на австриската дипломатија Александар Шаленберг, Брнабиќ посочи дека колку побрзо се приклучиме кон ЕУ, толку би било подобро.
Таа изрази надеж дека војната во Источна Европа, во Украина, ќе го врати процесот на проширување во фокусот и дека членовите на Унијата кои се противат ќе го променат мислењето и ќе сфатат дека тоа е приоритет за сите, истакнувајќи дека Западен Балкан дека влезот во ЕУ не е проширување, туку „покривање“, бидејќи овој регион е опкружен со земјите-членки на Унијата.
-Сакаме Западен Балкан да стане членка на Унијата и тоа да го направи брзо. Србија вложи многу време и енергија за спроведување на реформите за да стане членка на ЕУ и тој реформски процес е во интерес на граѓаните, нагласила премиерката.
На прашањето на модераторот на панелот Мирослав Лајчак дали новите случувања во Унијата за Србија и за регионот се предизвик или можност, Брнабиќ рече дека се надева дека тие се можност, бидејќи секогаш била оптимист, додавајќи дека сите земји-членки на ЕУ, Европската комисија и институциите на европските земји можат да видат колку напорно работи Србија за да стане членка на Унијата.
Западен Балкан, како што посочи, не треба да се занемари и да се отвори вратата за некој друг, без разлика на политичката ситуација, бидејќи, како што оцени, тоа би било голема грешка и не би било фер.
-Не можам да замислам некој да стане членка на ЕУ пред Западен Балкан, нагласила премиерката и додала дека членството во ЕУ е секогаш политичка одлука за која не е пресуден степенот на реформите, а како пример ги наведе одлуките за членство на Бугарија, Романија и Хрватска кои според неа, биле политички.
Според неа, ако се погледне Србија, просечната плата, јавниот долг, фискалната стабилност, нивото на невработеност и инфраструктурата, според сите овие параметри земјатае подготвена за членство.
Брнабиќ вели дека ја разбира Унијата кога вели дека не сака увозни проблеми, но посочи и дека секое отворено прашање во регионот на Западен Балкан би било полесно и побрзо да се реши доколку се дел од Европската унија.
Таа напомена дека Австрија е една од главните и најгласните земји која го поддржува процесот на проширување и отсекогаш искрено го поддржувала отворањето на поглавја и кластери.
-Европската унија е мировен проект и ние сакаме да бидеме дел од него, повторила премиерката и посочила дека ЕУ не може постојано да одложува некои одлуки, наведувајќи го примерот со Северна Македонија која го смени името и се уште не ги отворила преговорите.
Во исто време, премиерката додаде дека Белград нема ништо против визната либерализација за Приштина, бидејќи дури и отворените прашања може полесно да се решат, бидејќи дијалогот не оди во вистинската насока и вистинското прашање е дали воопшто имаат дијалог.
Таа рече дека освен европските интеграции, друга клучна работа за Србија е регионалната стабилност и соработка, а илустрирајќи ја важноста на соработката со Унијата и регионот, наведе дека 65% од извозот на Србија оди на пазарот на ЕУ, а 17 во регионот.