Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ синоќа ги отфрли ставовите според кои проектот „Отворен Балкан“ е во криза и оцени дека соработката меѓу Србија, Албанија и Северна Македонија во тој проект веќе дава резултати.
Брнабиќ за ТВ Пинк изјави дека проектот „Отворен Балкан“ поради поврзаноста на регионот со економските причини е толку добар што не може да пропадне.
„Тоа е тула во основата на нашата иднина“, изјави таа во емисијата „Хит твит“.
Таа посочи и дека проектот „не е во криза“, и како што рече, „по дифолт не може да биде во криза“.
Според неа, и само две земји да останат во проектот, тие повторно би имале многу взаемни придобивки.
Таа изрази уверување дека и други балкански земји ќе се приклучат на проектот.
„Доколку поради некаков балкански инает не се приклучат, ќе им биде жал, а на нивните граѓани сигурно“, рече таа.