Претседателката на Националното собрание, Ана Брнабиќ ги коментираше изјавите на Ивана Кекин, кандидатот за претседател на Хрватска, која изјави дека во стратешки интерес на Хрватска е претседателот Александар Вучиќ да не ја води Србија.
– Во последната недела од кампањата за претседателските избори во Хрватска се занимаваат со тоа кој е претседател на Србија. Интересно…. Ова е дефиницијата на поимот „мешање во внатрешните работи на друга држава“! Може ли некој да замисли дека за време на претседателските избори во Србија се зборува за тоа кој да биде претседател на Хрватска? Моето прашање до граѓаните на Србија: ако Хрватска толку отворено признава дека нивен СТРАТЕШКИ ИНТЕРЕС е Вучиќ да не биде на власт, тогаш тоа директно имплицира дека тие прават се за да го сменат. Тоа значи дека не ни кријат дека ја поддржуваат неговата смена (насилна и недемократска, затоа што апсолутно ја има поддршката од мнозинството луѓе во Србија) финансиски, логистички, разузнавачки и на секој друг начин? Еј, стратешки интерес! Па, кога нешто ви е стратешки интерес, на тоа работат сите институции, особено безбедноста и разузнавањето во таа држава. Им благодарам што јавно ни разјаснија некои работи – напиша Брнабиќ на социјалната мрежа Икс.
Ивана Кекин, кандидат за претседател на Хрватска, претходно истакна дека во стратешки интерес на Хрватска е претседателот Александар Вучиќ да не ја води Србија.
„Би сакала само да ве потсетам дека во наш стратешки интерес како Хрватска е да имаме граѓанска и демократска опција на власт во Србија. Тоа со Александар Вучиќ очигледно не е можно“, изјави Кекин, пренесоа медиумите во Хрватска.