Брнз: Мило ми е што во Македонија пристигнаа овие дози на надеж

од Nikola Popovski
292 прегледи

САД упати честитки до Северна Македонија за пристигнувањето на 24.000 дози од вакцината противкоронавирус од „Астра Зенека“.

„Мило ми е што овие вакцини, овие дози на надеж, финансирани од вашата влада, пристигнаа преку КОВАКС денес“, рече амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз од скопскиот аеродром.

„На сите земји им треба пристап до вакцините за да се запре пандемијата. Брзото ширење на Ковид-19 покажа дека ниту една нација не може да дејствува сама против овој глобален предизвик”, додаде таа.

Од УСАИД соопштија дека со американска помош биле поддржани итните активности на Министерството за здравство за намалување на ширењето на вирусoт, за подготвување на здравствениот систем и заедниците во земјата, за ублажување на последиците од КОВИД-19 како и за зголемување на важноста и достапноста на точните и навремени информации поврзани со пандемијата.

„На глобално ниво, САД досега доделија 2 милијарди долари – од вкупно планираните 4 милијарди долари – на Gavi, the Vaccine Alliance, за поддршка на COVAX, со што САД станаа земја со најголем придонес за глобалниот пристап до вакцини против Ковид-19“, се вели во соопштението.

Инаку Македонија денеска ја доби првата поголема пратка вакцини против ковид-19, откако пристигнаа 24.000 дози од вакцината развиена од Оксфорд и „АстраЗенека“. Тие дојдоа преку меѓународната иницијатива Ковакс, која има за цел да обезбеди рамноправна дистрибуција на вакцини низ цел свет.

Министерот за здравство Венко Филипче најави дека имунизацијата со оваа тура вакцини ќе почне в среда и ќе овозможи конечно да се прошири обемот на вакцинирањето во Македонија, откако досега беа опфатени главно здравствените работници.

Слични содржини