Амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мери Брнз смета дека Македонија треба да почне со отворање на преговарачката рамка со Европската Унија и земјата да напредува од сите аспекти.
-Влегувањето на Северна Македонија во НАТО беше голем исчекор и веќе ги гледаме резултатите од тој потег на терен. Затоа нам ни е важен и следниот чекор, Северна Македонија и целиот Западен Балкан да се придвижи кон единствена, безбедна Европа. Тоа значи интеграција во евроатлантските институции. Мислам дека зборувате за вистинската фрустрација, која и јас ја слушам, зашто процесите не се одвиваат доволно брзо, рече Брнз во интервју за ТВ21.
Таа истакнува дека во моментов е неопходно повторно да се придвижат тие процеси, да се забрзаат напорите и да ја видиме Северна Македонија целосно интегрирана.
Во контекст на односите помеѓу Бугарија и Северна Македонија таа вели дека е охрабрена од обновените дипломатски разговори помеѓу двете земји.
-Охрабрени сме зашто сега постојат и работни групи кои работат не само на решавање на билатералните прашања туку и на воспоставување долгорочна соработка што ќе им оди во корист на граѓаните на двете држави и ќе помогне да се промовира идејата дека пристапниот процес за ЕУ е во најдобар интерес на двете држави, порача Брнз.