Бројот на вработени во градежништвото во декември се намалил за над 22 %: Кој ќе остане да работи во Македонија?

од Nikola Popovski
374 прегледи

Здравствената, енергетската и економската криза ги остава компаниите без работници. Со месеци незапирливо се намалува бројот на работници, а потврда за тоа сe бројките од градежниот сектор кои покажуваат дека вкупниот број на вработени за прв пат се намалил под 50 000 лица. Според бројките на здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија, во првиот квартал лани бројот на работници се намалил за 14,2 % а во третиот за дури 22,1 %.

Недостигот од квалификувана работна сила и натаму е проблем за градежните компании, иако можеби со различен интензитет од почетокот на пандемијата поради тоа што нивниот потенцијал не беше во целост искористен, а нивните кадровски капацитети беа во најголем дел доволни за реализирање на тековните проекти. Сепак, недостигот од квалификувана работна сила е едно од прашањата кои се од приоритетно значење за градежниот сектор на кое посветуваме особено внимание. вели за Локално, првиот човек на Здружението, Андреа Серафимовски.

Лошите сосојби во делот на работната сила ги потврди и пописот на населението од 2021 г. Бројките покажаа дека работоспособното население е намалено за околу 220 илјади, активното население за околу 130 илјади лица ( 15%), а бројот на невработени лица кои се резервоар за нови работници, се намалил за 20 % што е доказ дека од состојба на релаксиран пазар на труд за краток период се најдовме во затегнат и плиток пазар на труд. Оваа година ќе има бројни предизвици вели за Локално, професорката Никица Мојсовска. Фактот дека ќе се зголеми минималната плата на околу 20 000 денари нема да биде проблем вели таа, туку фактот што платите треба да ја следат продуктивноста, а тоа кај нас не е случај. Како предизвик Мојсовска го посочува и несовпаѓањето на понуда и побарувачка за работна сила, што бара големи напори и трошоци за да се намали, како и тн. скриен одлив на работната сила која е присутна во земјата и во нашите статистики, но работи само на онлајн платформи.

„И, еден релативно голем резервоар на потенцијални работници (околу 50-60.000 лица) кои се пасивни бидејќи се корисници на гарантиран минимален доход-ГМД.Тие под речиси никакви услови не би прифатиле да работат бидејќи „статусот„ корисник на социјална помош им дава многу бенефиции. Едно неодамнешно истражување покажува дека најниската плата за која би прифатиле да работат е 40.000 денари иако имаат завршено само основно образование“, потенцира Мојсовска.

Како да се надополни недоволниот број работници е прашање кое подолг период го мачи речиси секој стопански сектор во државата. Во ситуација кога во градежништвото недостасуваат тесари, армирачи, работници за преднапрегање на бетонски конструкции, заварувачи, плочкари, лимари и други профили на занимања, дел од решението на проблемот за задржување на квалификуваниот кадар Серафимовски го гледа во системски пристап и постоење соодветна правна регулатива која ќе овозможи поголема флексибилност во организација на работниот процес, рамнотежа меѓу интересите на работодавачите, (конкурентност и профитабилност на компаниите)од една страна  и интересите на работниците кои се стремат да остварат повисоки примања од друга.

„Се додека зголемувањето на платите не е проследено со зголемување на продуктивноста на трудот, не постојат изгледи за задржување на кадарот во нашата држава и се поголеми се можностите за одлив на кадар во високоразвиените земји“, дециден е Серафимовски.

Потребата од промена на структурата на економијата но и на работната сила ја посочува и Мојсовска, а за тоа според неа е потребна поголема вклученост на компаниите и повеќе вложување во образованието  со што ќе создаваме работна сила и за иднината, не само за сегашноста. Подеднакво важно е и да се активираат корисниците на гарантираниот минимален доход од кои голем дел се вклучени во неформалната економија и не прифаќаат да бидат пријавени.  Ова според Мојсовска  би значело доследност во примена на законска регулатива односно губење на право на негово користење доколку одбијат работа. Токму на оваа можност и дава предност, пред државата да почне да ги користи другите опции, меѓу кои и увозот на работна сила од странство.

Инаку државата создава загуби, големи трошоци, со тоа што помага работоспособни лица кои се пасивни на пазарот на труд, а работодавачите треба да бараат работна сила надвор. Иако, сето ова зависи од тоа за каков кадар зборуваме. Јас сум генерално за олеснување на регулативата, односно дерегулација и оставање на пазарот да функционира (со одредени поставени правила на игра)“, вели Мојсовска. Како единствен аспект кој мора да се запази и на кој треба да се внимава во процесот на евентуален увоз на странски работници ја посочува постребата од водење сметка за националните интереси, културата и тн.

К.В.С.

Слични содржини