Откако повеќето технолошки компании постигнаа рекордни резултати за време на пандемијата, а врз основа на овие резултати се зголеми богатството на нивните шефови, односно најголемите акционери, оваа година донесе отрезнувачки и голем пад. Веќе неколку пати пишувавме за проблемите на некои од компаниите, пред се Меtа и загубата што ја забележа Марк Закерберг, но тој е само еден од многуте кои годинава се во минус, и тоа десетици милијарди долари.
Вредноста што од почетокот на годината ја загубија десетте најбогати луѓе во светот, од кои повеќето се од технолошката индустрија, изнесува неколку стотици милијарди долари. Business Insider, водени од бројките на Bloomberg Billionaires Index, направија листа на луѓе кои завршија во најголема загуба оваа година, а Марк Закерберг е на првото место на оваа неславна листа.
Неговите проблеми започнаа кога го префрли фокусот на компанијата за социјално вмрежување на метаверзум, поради што го промени името на компанијата во Меtа. Резултатот е што таа досега загуби повеќе од 87 милијарди долари оваа година, а доколку падот на берзата продолжи, може да ја заврши годината во „црвено“ за повеќе од неверојатни 100 милијарди долари.
На второ место е извршниот директор на познатата крипто берза Binance Чангпенг Жао. За неговото богатство низ годините се пишуваше многу и тешко е навистина да се процени неговата вредност, но според податоците на Блумберг, оваа година е во минус за 72,6 милијарди долари.
Третото и четвртото место на оваа листа им припаѓаат на старите непријатели – Елон Маск, кој и покрај загубата од 66 милијарди долари се уште е најбогатиот човек на светот, додека Џеф Безос, кој се повлече од челото на Amazon, загуби повеќе од 65 милијарди долари.
Петтото место со минус од речиси 40 милијарди долари му припаѓа на ко-основачот на Google Лери Пејџ, додека другиот соосновач на Google, Сергеј Брин е на седмото место на оваа листа и вредноста на неговото богатство е намалена за 38,1 милијарди долари.
Во „сендвич“ меѓу нив е Бернард Арно, еден од ретките луѓе на оваа листа кој не е од технолошката индустрија. Истото можеме да го кажеме и за Мекензи Скот, чија вредност е намалена за 31,7 милијарди долари (да потсетиме, таа е поранешна сопруга на Џеф Безос), додека зад неа е наследничката на L`Oreal, Франсоа Бетанкур Мејерс.
Десеттото место на листата му припаѓа на личноста која помина многу години на првото место на листата на најбогати луѓе во светот – Бил Гејтс, кој годината ја заврши во минус од 27,3 милијарди долари.