Брод со мигранти се преврте во Егејското море: Најмалку 16 лица ги загубија животите

од Vladimir Zorba
284 прегледи

Најмалку 16 лица ги загубија животите кога чамецот со кој пловеа во петокот се преврте во близина на грчкиот остров Парос во централното Егејско Море.

Локалните медиуми јавуваат дека во морето се пронајдени безживотните тела на 12 мажи, три жени и едно дете.

Крајбрежната стража соопшти дека 57 луѓе биле спасени во смртоносен инцидент откако едрилица се превртела на околу 8 километри од островот Парос, во централниот дел на Егејското Море, а преживеаните ѝ кажале на крајбрежната стража дека на бродот имало околу 80 луѓе, кои пловеле од Турција кон Италија.

Според претставниците на грчките власти, вчерашната несреќа е петта поморска катастрофа на бегалците во изминатата недела.

Во извештајот на Ројтерс се наведува дека грчките власти во текот на ноќта северозападно од Парос започнале операција за пребарување и спасување од воздух и од море.

Грција е една од главните бегалски рути кон Европската унија за бегалците од Африка, Блискиот Исток и други области.

Бројот на загинати во три несреќи во исто толку денови со чамци со мигранти во грчките води се искачи на најмалку 20.

Претходно беше потврдено дека 11 лица загинале откако едрилица удрила во карпест остров на околу 235 километри јужно од Атина, во близина на островот Антикитера, во четвртокот.

Крајбрежната стража во петокот соопшти дека 90 преживеани, 52 мажи, 11 жени и 27 деца, биле спасени откако поминале часови на ненаселен остров.

Во одделен инцидент во петокот, грчката полиција уапси три лица под обвинение за шверц и приведе 92 мигранти откако се насука јахта во јужниот регион на Пелопонез.

Акцијата за пребарување продолжи и третиот ден во централниот дел на Егејското Море, каде што потона брод со мигранти во близина на островот Фолегандрос, кога загинаа најмалку три лица.

Уште 13 лица се спасени, а преживеаните пријавиле дека најмалку 17 лица се водат како исчезнати. Властите соопштија дека патниците првично го напуштиле Ирак.

Повеќе од 116.000 баратели на азил го преминале Медитеранот до 19 декември оваа година за да стигнат до земјите на ЕУ, според УНХЦР.

Слични содржини