Бродот „Мис Стон“ од кој се излеа нафта во студенчишкиот канал на Охридското езеро денеска беше изваден од вода. За сопствениците на руинираниот брод „Мис Стон“, ќе има казна.

Бродот „Мис Стон“ кој децении наназад е закотвен во каналот кај Студенчишта, делумно е под вода така што дел од нафтата од резервоарот на пловилото се излеа во водата.
Ќе биде покрената соодтвена постапка од надлежниот инспекторaт и Kапетанијата на пристаништата за излевањето на нафта од руинираниот брод „Мис Стон“ што се случи во текот на вчерашниот ден во каналот Студенчишта.
– Овој брод веќе подолго време стои полупотонат во каналот. Неговите сопственици се некаде во странство. Надлежните инспекциски служби изготвија записник на лице место и ќе биде покрената соодветна законска постапка. – изјави раководителот на Капетанијата на пристаништата, Горан Устијаноски.
Тој посочи дека каналот има вкупно шест пловни објекти кои преставуваат потенцијална опасност како за животната средина така и за водниот сообраќај и истите ќе бидат дислоцирани од тоа место.
Екипи на капетанијата денеска извршија контрола на каналот кои по излевањето на гориво од бродот „Мис Стон“ вчера беше третиран со специјални средства за разградување со цел да се спречат поголеми последици.
Устијаноски потенцираше дека при еколошкиот инцидент се излеала многу мала количина на нафта, околу 20-30 литри, која како што рече, не може посериозно да го загрози екосистемот.