Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ изјави дека бркањето на првото место на светската ранг листа повеќе не е негова главна цел. 24-кратниот Гренд слем шампион со задоволство би избрал победи во „големите турнири“ пред врвот на АТП-листата во последните фази од неговата славна кариера, пренесе Ројтерс.
Ѓоковиќ помина повеќе од 400 недели како број 1, а моментално е петти во машката ранг листа. 37-годишниот тенисер јасно стави до знаење дека не може да биде отпишан и ја освои рекордната 411-та победа во меч од серијата „Мастерс 1000“ во неделата. Победата од 6:1, 7:6(1) во третото коло на турнирот во Мајами (САД) над Аргентинецот Камило Хуго Карабели го донесе Србинот чекор поблиску до 100-тата титула во сингл.
„Доколку достигнувањето број 1 е последица на големите резултати и титулите што ги освојувам во текот на сезоната, би било неверојатно. Но, тоа не е мојата цел“, изјави Ѓоковиќ.
„Мојата цел е да можам да го играм мојот најдобар тенис на Гренд Слем турнирите и на турнирите на кои учествувам. Мојот распоред е ревидиран, така што очигледно не бркам бодови за рангирање. Од денес, ситуацијата е можеби поинаква отколку пред неколку години или во поголемиот дел од мојата кариера, да бидам искрен. Би бил среќен да освојам Гренд слем и голем турнир, наместо да стигнам до бр.1 на табелата“, изјави Србинот.
Џими Конорс со 109 и Роџер Федерер со 103 се единствените машки тенисери со повеќе титули од Ѓоковиќ, но Србинот коментира дека искачувањето на врвот на таа листа може да биде тешко.
„Дефинитивно би било неверојатно да се достигне тој рекорд. Конорс е некој што навистина му се восхитувам и го почитувам. Тој секогаш ме поддржуваше јавно, јас сум благодарен за тоа. Би било неверојатно. Но, повторно – веројатно е потешко за мене да го постигнам ова денес отколку што беше пред неколку години. Ќе одам чекор по чекор. Ќе видиме што ќе се случи“, додаде тој.