📽 Бројката на загинати постојано расте – Русите извршија еден од најжестоките напади на Украина досега

од desk2
9 прегледи

Русија ноќеска изврши еден од најжестоките напади на Украина од почетокот на војната, објавија украинските власти.

Бројката на загинати расте постојано – досега се 15 жртви, од кои 4 деца – само во главниот град Киев! Други 38 луѓе се повредени.

Според податоците на Военото воздухопловство на Украина, биле истрелани вкупно 629 проектили и дронови. Вкупно 598 дронови и 31 ракета имаа за цел 13 локации низ земјата.

Украинската војска вели дека се соборени 563 дронови и 26 ракети, чии парчиња паднале на 26 различни места.

Русија соопшти дека во големиот ноќен напад на Украина се гаѓани воени локации и воздухопловни бази. Сепак, постовите на социјалните мрежи и видеоснимките покажуваат нешто сосема друго.

Зеленски изјави на социјалната мрежа Икс дека тимови за итни интервенции моментално ги чистат урнатините на петкатната станбена зграда, додека потрагата по евентуални преживеани продолжува.

„Ова е уште еден масовен напад врз нашите градови и заедници. Луѓето може сè уште да бидат заробени под урнатините“, рече Зеленски.

Според Би-Би-Си , во Киев се погодени неколку станбени згради

На социјалните мрежи се појави снимка од драматичниот удар врз станбена населба во Киев кадешто паднале два проектили. Чад се издига на небото по ударот.

На друга снимка може да се видат штетите врз станбена зграда во градот и пожарникарските тимови кои го гасат огнот во урнатините.

Украинскиот претседател остро ја критикуваше Русија за продолжување на нападите, тврдејќи дека „Русија избира ракети наместо преговарачка маса“ и дека „продолжува да убива наместо да ја прекинува војната“.

Тој, исто така, рече дека Русија не покажува страв од последиците од своите постапки, додека дел од меѓународната заедница, како што изјави, „ги затвора очите пред воените злосторства и бара изговори за Путин“.

Зеленски повика на остри санкции против Русија, нагласувајќи дека „сите рокови се пробиени и десетици можности за дипломатија се уништени“.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен рече оти е „згрозена“ од ноќниот напад врз Киев, во кој е погодена и Делегацијата на ЕУ.

„Нападите покажуваат дека Русија нема да сопре пред ништо за да ја тероризира Украина“, рече Фон дер Лајен, прецизирајќи дека нема повредени во Делегацијата на ЕУ.

Виталиј Кличко, градоначалникот на Киев го прогласи петок за ден на жалост поради жестокиот напад од Русите.

Слични содржини