Бројката загинати во Киев во вчерашниот руски напад со ракети и дронови, се искачи на 26, вклучувајќи и три деца, соопшти денеска украинското министерство за внатрешни работи. Вчеравечер се знаеше за 16 загинати.
„Во текот на ноќта и утрово спасителите од урнатините на станбена зграда во квартот Свјатошински извлекоа 10 тела, меѓу кои и телото на 2-годишно дете“, соопшти украинското МВР, додавајќи дека во бомбардирањето се повредени 159 луѓе, од кои 16 се деца.
Украина и ноќеска беше цел на руски напади. Во градот Вессељанка во источниот дел на Запорижкиот регион загинал 63-годишен маж кога граната ја погодила неговата куќа.
Во Киев денеска е ден на жалост.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди овој голем напад како „уште еден смртоносен спектакл“ и повика на промена на режимот во Русија.
Претседателот на САД, Доналд Трамп најновиот бран напади во Украина го нарече „одвратен“. Потврди дека ќе воведе санкции против Русија.
„Не знам дали тоа ќе има влијание, ама ќе воведеме“.
Тој во вторникот го скрати неговиот ултимативен рок и на рускиот претседател Владимир Путин му даде само 10 дена да стави крај на војната.