Бројот на невработени во ЕУ за една година е зголемен за скоро два милиона

од Stefanija Kuzmanovska

Стапката на невработеност во еврозоната остана стабилна на 8,3 проценти во декември минатата година во споредба со претходниот месец, според сезонски прилагодените податоци, додека таа значително се зголеми во споредба со декември 2019 година, кога беше 7,4 проценти, соопшти Институтот за статистика на ЕУ, Евростат.

На ниво на цела ЕУ, стапката на невработеност во декември беше 7,5 проценти, исто така непроменета во споредба со ноември, но значително поголема од 6,5 проценти во истиот месец во 2019 година, објави веб-страницата на Евростат.

Според статистичарите на ЕУ, во декември имало 16 милиони невработени мажи и жени на ниво на 27-члениот блок, од кои 13,67 милиони во еврозоната.

Во споредба со декември 2019 година, бројот на невработени во Унијата се зголеми за 1,95 милиони луѓе, а во еврозоната за 1,51 милиони.

Кога станува збор за млади луѓе на возраст под 25 години, стапката на невработеност во ЕУ се искачи на 17,8 проценти во декември од 17,5 проценти една година порано, а во зоната на единствена валута се зголеми од 18,1 на 18,5 проценти во наведениот период.

Во ЕУ, 3,13 милиони млади луѓе беа невработени во декември, од кои 2,59 милиони во еврозоната.

Слични содржини