Бројот на ученици кои следат настава од далечина е зголемен за 17 проценти

од Берта Китинска
283 прегледи

Од почетокот на учебната година до денеска бројот на ученици кои следат настава од далечина е зголемен за 17 проценти, односно околу 87 отсто од учениците успешно ја следат онлајн наставата, информира Министерството за образование и наука.

-Благодарение на воспоставениот начин на учење од далечина, наставата успешно се спроведува во време на пандемија. За останатиот дел кои немаат уреди, или интернет конекција часовите се емитуваат на телевизија преку Националната радио-телевизија, а наставниците имаат обврска да им доставуваат печатени материјали и да бидат во постојана комуникација со учениците за да го следат нивниот напредок во совладувањето на наставниот материјал. Министерството за образование и наука е во постојана комуникација со директорите на училиштата и локалните самоуправи и тековно се работи на обезбедување услови за непречено функционирање на онлајн наставата, се вели во соопштението од МОН.

Од Министерството апелираат наставниците и учениците кои наставата ја следат со физичко присуство, доследно да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид-19 и одговорно да се однесуваат и надвор од работните места и од училиштата со што ќе го спречат ширењето на болеста. Од целокупното одговорно однесување, велат од МОН, ќе зависи и продолжувањето на наставата со физичко присуство во училиштата. Протоколите за заштита од заразата, потенцираат од Министерството, докажано функционираат, ако сите се придржуваат на пропишаните мерки за заштита.

Слични содржини