Бројот на жртвите во терористичкиот напад во Барселона се зголеми на 14, а медиумите јавуваат дека се уште трае потрагата по тинејџерот кој го возел „комбито на смртта“. Во нападот се повредени повеќе од 100 лица.

Најновата жртва од терористичките напади во Шпанија е жена која настрадала во нападот Камбрилс, место 110 километри подалеку од Барселона. Таму полицијата уби петмина напаѓачи.
Шпанската полиција, која ја спроведува истрагата за нападот на познатото шеталиште Лас Рамблас во Барселона, трага за тинејџерот за кој се смета дека управувал со возилото. Локалните медиуми, повикувајќи се на полициски извори јавуваат дека станува збор за Мусa Оукабир, помладиот брат на Дрис Оукабир, кој вчера беше уапсен под сомнение дека го изнајмил комбито кое е употребено при нападот.
Каталонската полиција верува дека Миса Оукабир, кој според медиумите има 17 или 18 години, од местото на нападот побегнал пеш и понатаму се наоѓа во бегство.
Полицијата досега уапсила три лица за нападот во Барселона.