Бројот на заразени се намалува, комисијата ќе одлучува за укинување на мерките

од Берта Китинска

Бројот на заразени лица во земјата полека стивнува. Денеска Комисијата за заразни болести ќе одлучува за укинување на некои мерки.

-Според досегашните резултати сметаме дека нема потреба да се продолжи со скринигнот, затоа што ја постигнавме целта. Баравме од овој скрининг да видиме колкав е процентот на новоинфицирани деца, гледаме дека бројката е многу мала, 0,8 отсто, така да нема потреба од продолжување со скринингот. Секојдневно ги следиме бројките, така да сметаме дека сме во фаза ан смирување на четвртиот бран, изјави министерот за здравство Беким Сали.

Иако Комисијата уште пред 1 месец препорача сертификатот за прележаност наместо 45 да важи 180 дена ова сеуште не е стапено на сила, бидејќи не е поминато ниту на кризниот штаб ниту на седница на Влада.

-Ова ќе се најде на првата наредна седница на Главниот координативен кризен штаб, изјави Сали.

Состанокот на Комисијата е закажан за денеска.

-Тоа ќе стане пракса и состанокот наместо во вторник ќе се одржува во среда. Заради обврските кои ги имаат некои од колегите и министерот за здравство попрактично е состанокот на Комисијата да се одржува во среда, изјави портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ.

Основна точка на состанокот, посочи, е епидемиолошкиот пресек за минатата недела, а има и точки на дневен ред кои после тоа се разгледуваат.

– Кога ќе заврши состанокот на Комисијата ќе има прес-конференција и тогаш ќе кажеме се што е расправано, што има донесено препораки и заклучоци, додаде д-р Мехмедовиќ.

Слични содржини