Бројот на загинатите во експлозијата во хемиската фабрика „Меламин“ во Кочевје се искачи на шест, откако синоќа во Клиничкиот центар во Љубљана почина еден од двајцата работници кои се здобија со тешки изгореници, потврди директорот на оваа компанија Сречко Штефаниќ.
Полицијата денеска се очекува да излезе со првите резултати од истрагата за несреќата, а од фабриката оценуваат дека настанала човечка грешка.
„Причина за трагичниот настан најверојатно е човечката грешка на еден од вработените, која се случила при испумпување на суровини во складиштето“, изјави вчера Стефаниќ и додаде дека дошло до замена на две суровини.
Во несреќата загина едно лице вработено во фабриката „Меламин“, и пет работници на фирма од Љубљана, кои требало да ги поправаат електричните инсталации во областа каде што се случила експлозијата.
Фабриката „Меламин“ произведува меламински смоли кои се користат во хемиската, хартиената, гумарската и градежната индустрија.