Бројот на жртви од Ковид во Индија може да биде многу поголем од официјалниот

од Vladimir Zorba
174 прегледи

Најмалку 1.150 смртни случаи од Ковид-19 во Индија за само неколку дена не беа вклучени во официјалните владини податоци, што сугерира дека вистинскиот број на загинати може да биде многу поголем, според резултатите од истрагата објавена во вторникот.

Воздушната снимка од масовните кремации во Њу Делхи предизвика загриженост дека вистинскиот број на жртви е многу поголем од официјалните владини податоци.

Независна истрага на телевизиската компанија НДТВ утврди, по посетата на градските власти и седум крематориуми, дека стотици смртни случаи како резултат на коронавирус не се запишани во официјалниот список на жртви.

Податоците на Градската корпорација Делхи (МЦД) од 26 крематориуми покажуваат дека од 18 до 24 април биле извршени 3.096 кремации на жртви од Ковид-19.

Но, во истиот период, владата во Делхи пријави 1.938 смртни случаи од Ковид-19, што значи дека можеби не биле пресметани 1.158 смртни случаи.

Причините за оваа разлика не се познати.

Едно објаснување би можело да биде дека МЦД само ги смета телата донесени од болниците како починати од Ковид-19, додека оние кои умираат дома не се вклучени во официјалните податоци.

„Ние бележиме како причина за смрт Ковид-19 или нормална смрт. Ако смртта се случила во болница, знаеме дека станува збор за Ковид-19. Кога смртта се случила дома, не знаеме со сигурност, затоа секогаш ја бележиме како нормална“, изјави за НДТВ Ануј Бансал, вработен во крематориумот „Газипур“.

Разликата помеѓу официјалните податоци и реалниот број на кремирани и мртви постои низ целата земја, така што владата се повеќе се обвинува за прикривање на вистината.

Друга истрага спроведена од новинската платформа „Моџо“ откри несовпаѓања во Газиабад, град недалеку од Делхи во државата Утар Прадеш.

Брамар Мукерџи, професор по биостатистика и епидемиологија на Универзитетот во Мичиген, проценува дека вистинскиот број на загинати од Ковид-19 може да биде два до пет пати поголем отколку што е соопштено од властите.