Бројот на загинати во разорните земјотреси што ги погодија Турција и Сирија надмина 50.000. Над 125.000 луѓе беа повредени.
Бројот на загинати во двата силни земјотреси што на 6 февруари ја погодија југоисточна Турција се искачи на 42.310, соопшти турската агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД).
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за време на посетата на погодените провинции изјави дека во земјотресите се повредени околу 115.000 луѓе и дека се уништени 458.000 згради.
Според турската Агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД), од првиот силен земјотрес на 6 февруари се регистрирани 7.184 последователни потреси.
Бројот на загинати во Сирија надмина 8.500
Бројот на загинати во земјотресот во Сирија надмина 8.500, соопшти директорот за итни случаи на СЗО во регионот на источниот медитеран Рик Бренан.
Според официјални лица на СЗО, бројот на загинати продолжува да расте. Според последните извештаи, околу 4.000 луѓе ги загубиле животите на територијата под контрола на владата, додека околу 2.500 биле повредени. Бројот на загинати во северозападна Сирија е околу 4.500, а 7.500 луѓе се повредени.
Силни земјотреси, со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала, ги погодија Турција и Сирија на 6 февруари, при што загинаа повеќе од 42.000 луѓе. Само две недели подоцна, два силни земјотреси, со јачина од 6,4 и 5,8 степени според Рихтеровата скала, ја погодија турската провинција Хатај, а како што објавија локалните медиуми, најмалку 11 лица загинаа во тие земјотреси во Турција и Сирија.
Потресите се почувствувани во Египет, Израел, Кипар, Либан и Сирија.