Бруно: Касемиро се разбира од фудбал, немам што да му кажувам

од Vladimir Zorba
290 прегледи

Капитенот на Манчестер Јунајтед, Бруно Фернандеш застана во одбрана на соиграчите Касемиро и Коби Мајну по нивните грешки во дербито против Ливерпул (0:3). Бразилецот и Англичанецот направија грешки, кои гостите ги искористија и постигнаа голови. Посебно впечатливи беа грешките на поранешниот играч за врска на Реал Мадрид, кој беше заменет на паузата.

„Касемиро е поискусен од мене. Не треба ништо да му кажам бидејќи се разбира од фудбал. Играше за двата најголеми клубови во светот. Коби е одлично дете. Сакам уште повеќе да ги испроба тие подавања бидејќи тоа е дел од играта. Двајцата се големи фигури за Манчестер Јунајтед и ќе продолжат да бидат такви“, изјави Бруно за „Скај“.

„Која е поентата да се каже дека Касемиро и Мајну ја загубија топката? Тоа се случи бидејќи и двајцата се трудеа да бидат храбри. Ова е дел од играта, не треба никого да издвојуваме“, продолжи капитенот на „црвените ѓаволи“.

„Секој гол паѓа како резултат на нечија грешка. Мора да дозволиш таква за да примиш гол. Не е во ред да покажувате со прст кон некого – нема да помогне. Кога ќе примите гол, тоа не е само една грешка. Инаку, добро го почнавме натпреварот и на почетокот имавме дури и повеќе можности. Но, мора да бидеме прецизни во финишот. А играчите на Ливерпул беа такви. Нема смисла да гледаме во минатото, туку да се трудиме да ги промениме работите. Изгубивме и честитки за Ливерпул. Не гледам на статистиката, но генерално играта беше изедначена“, изјави Бруно Фернандеш.

Слични содржини