Шпанскиот тенисер Рафаел Надал се најде во проблем кој веројатно не го очекуваше откако бизнисмен покрена тужба вредна десет милиони евра.
Аргентинецот Лисандро Борхес поднесе тужба против Шпанецот поради турнејата во која Надал ќе ги посети Мексико, Аргентина и Еквадор.
Проблемот настана кога неговиот менаџер Карлос Коста, зад грбот на Борхес, наводно склучил договор за продолжување на турнејата во Чиле, пишува „Сет Тенис“.
Во оваа прилика Борхес за „ТН“ изјавил:
„Коста е негативец и му го кажав тоа, но не му е грижа. Тој мисли дека може да прави што сака затоа што зад него стои Надал. Ќе ви кажам нешто, започнувајќи случај против најдобриот досега, според мене, само затоа што неговиот менаџер е кретен, не е забавно. Но, вистината е дека кога некој ќе предизвика толкава штета како што ни направи овој човек, немаме друг избор“, вели Борхес.
Коста наводно го измамил Борхес при договарањето на четирите термини за натпреварите на Рафа во Јужна Америка.
„Ни требаше четврти датум бидејќи Надал немаше да дојде за помалку од четири датуми за кои ќе добие по 2,5 милиони евра. За помалку од 10 милиони евра не би дошол на турнеја“, порачал Борхес.
Надал се уште не се огласил.