Белгиските власти го прошируваат списокот на европски земји каде што дел од тамошните затвореници би можеле да бидат префрлени поради пренатрупаност на нивните затвори, објавуваат белгиските медиуми, пренесува „БТА“. Откако белгиската Влада започнала прелиминарни разговори со Албанија и Косово минатата година, на списокот сега се додадени и Македонија, Естонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Литванија.
Според официјалните податоци, повеќе од 600 затвореници моментално спијат на подовите во белгиските затвори поради недостаток на простор. Во текстот што го објави бугарската државна агенција се известува дека во македонските и албанските затвори нема основни услови за притворените лица, во Литванија затворениците често остануваат без греење во зимскиот период од годината, а во Црна Гора затворениците со години излегуваат само по еден час дневно од своите ќелии.
Се прецизира дека белгиската Влада размислува за склучување договори за префрлање на затвореници само доколку можат да се обезбедат пристојни услови за прием и почитување на човековите права. Според податоците од крајот на минатата година, вкупниот број затвореници во Белгија е 13.000, со капацитет за 11.000, при што 4.400 се затвореници со документи за нерегуларен престој.
На почетокот на годинава, белгиската министерка за азил и миграција соопшти дека разгледува „секое можно решение“ за зголемување на бројот на нелегални мигранти што се протеруваат од Белгија, вклучително и изнајмување простор во затворите во странство за сместување на странски затвореници.
Во интервју за „Еуроњуз“ во Брисел, Анлин Ван Босујт изјави дека Белгија сака да смести странски затвореници во странство како дел од своите антимиграциски мерки и е отворена за партнерства со земјите од Западен Балкан и пошироко.
Белгиската министерка неодамна ги посетила Албанија и Косово за да ја истражи можноста за изнајмување простор во затворите за сместување на нелегални мигранти осудени за кривични дела во Белгија.