Бубевски поднесе тужба за клевета: Кадриу се обидува да го загрози мојот професионален интегритет, стојам зад секоја одлука која сум ја донел

„Вистината е дека јас никогаш во мојот живот не сум имал 4 мобилни телефони. Додека бев јавен обвинител во СЈО имав еден телефонски број кој го користев за цело време додека бев во тоа обвинителство. По враќањето во ОЈО Скопје исто така користам само еден телефон“, вели јавниот обвнител за обвинувањата од неговата поранешна колешка од СЈО

од Nikola Popovski
22 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Јавниот обвинител Гаврил Бубевски најостро ги демантираше, како што вели, „клеветите и измислените наводи“ изнесени од адвокатката Лејла Кадриу во интервју во емисијата „Вечерното шоу на Богдан Илиевски“ на ТВ Алфа, емитувано на 7 февруари 2026 година. Тој вели дека наводите кои се однесуваат на неговото постапување и на работата на поранешното СЈО се невистинити и креирани со цел да наштетат на неговиот личен и професионалениот углед, за што веднаш по емисијата иницирал постапка со која од Кадриу побарал извинување за јавно изнесените лаги.

„Иако сметав дека изнесените клевети не заслужуваат да им се дава јавно внимание, сфаќам дека нашето општество веројатно не е доволно отпорно на лаги.

Вистината е дека јас никогаш во мојот живот не сум имал 4 мобилни телефони. Додека бев јавен обвинител во СЈО имав еден телефонски број кој го користев за цело време додека бев во тоа обвинителство. По враќањето во ОЈО Скопје исто така користам само еден телефон. Мојот единствен, во моментов приватен телефонски број го знаат сите новинари и многу граѓани, бидејќи вистински верувам во начелото на транспарентност и на тој телефон секогаш сум бил и останувам отворен и достапен за сите прашања.

Ги отфрлам сите наводи за какво било влијание и стојам зад секоја одлука која сум ја донел. Во голем дел од ситуациите кои беа претставени, како што е предавањето на прислушуваните материјали во СЈО, јас лично воопшто не сум бил присутен, за што имам и соодветни докази.

На страна од тоа, записник за тие материјали постои и тој е дел од доказите во предметот Таргет-Тврдина.

Од позиција на поранешна јавна обвинителка за чие оддалечување најпрвин од СЈО, а потоа и од редовното обвинителство, причините се многу добро познати во јавнообвинителската организација, каде и се водени и соодветни постапки за одговорност, Кадриу се обидува да го загрози мојот професионален интегритет и да влијае врз моето извршување на јавнообвинителската функција.

Мотивите за овој и други вакви слични настапи мене ми се јасни, но немам намера во ниту еден момент да им подлегнам на тие лаги и манипулации. Ќе ги искористам сите законски механизми за заштита, како што веќе направив и поднесов тужба и за лагите изнесени од уште еден адвокат – поранешен обвинител кој јавно настапува со истите намери и мотиви.

Очекувам во судска постапка да се докаже вистината наспроти лагите со кои “храбрите” поединци ја манипулираат јавноста подолг временски период, а со тоа да се утврди и нивната кредибилност како извори за информации во медиумите по однос на вистинските состојби во правосудството“, пишува Бубевски.

Изјавите на Кадриу беа причина за низа соопштенија и прес-конференции од ВМРО-ДПМНЕ. Обвинуваа дека Ленче Ристоска и Бубевски во времето на СЈО се однесувале како авторитети а денес се претставуваат како жртви, додека Кaтица Јанева предметите ги распоредувала по насока на Зоран Заев и СДС, се вели во партиското соопштение на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

-Според сведочењето на поранешната обвинителка во СЈО Лејла Кадриу на почетокот на работата на СЈО биле избрани само 7 од предвидените 12 обвинители, а останатите 5 биле приклучени за многу кратко време исклучиво само и само да се обезбеди присуство на Гаврил Бубевски. Сите чекале амин од Зоран Заев за да се оформи тимот да дојде и Гаврил Бубевски за да започнат со работа. СЈО било користено исклучиво за да се задоволат интересите на СДС, Заев и врхушката околу него. Кадриу посочува дека постоел договор меѓу Катица Јанева и Заев, каде истакнува настан од 30 декември 2015 година, кога на вработените им било кажано да не доаѓаат на работа и да ги искористат празниците. Таа била една од ретките кои сепак дошле, и сведочи дека токму тој ден во просториите на СЈО биле присутни Заев, Шекеринска и други лица, кои доставувале материјали што, според неа, незаконски ги примиле Ристоска, Бубевски, Фатиме Фетаи и Лиле Стефановска. Ленче Ристоска отворено покажувала воодушевување и симпатии од присуството на Зоран Заев и Шекеринска во СЈО па се поставува прашањето дали тој пристап на Ристовска е пристрасно водење на обвинителството. За Гаврил Бубевски, Кадриу вели дека самиот се фалел оти ништо не можело да помине во СЈО без негова согласност, дека користел повеќе телефони и преку нив добивал насоки за распределба на предметите, што, според неа, укажува на директно влијание од надворешни, партиски структури врз работата на СЈО. Ристоска, Бубевски, Фетаи и Стефановска, ”бомбите” и материјалите од Заев ги преземале без никаков записник, што е спротивно на законите и отвора дополнителен сомнеж за веродостојноста на истите. Според овие сведоштва, Ристоска, Бубевски, Фетаи и Стефановска наместо да се претставуваат како жртви треба да превземат одговорност и да се извинат за своите постапки, истакнуваа, меѓу другото од ВМРО-ДПМНЕ.

Екс-обвинителката од Специјалното јавно обвинителство излезе со лични сведоштва од работата во СЈО. Инаку Кадриу била избркана од СЈО лично од Катица Јанева, со образложение дека „не била тимски играч“.

-Имавме кујна и еден ден отидов да си земам кафе. Излегувам од канцеларијата и ги гледам Зоран Заев и Шеќеринска, така на колена нешто со некои хартии. Ги гледам Ленче (Ристовска, нз.), Фатиме (Фетаи, н.з.), беа и Лиле (Стефанова, н.з.) и Гаврил (Бубевски, нз.). Велам, луѓе, што прават овие овде, што прават Заев и Шеќеринска тука?. Што бараат да влезат во Обвинителството. Ни шефот на Обвинителство, Јанева, не е тука, ниту останатите обвинители не се тука. Што бараат овие двајца тука? Ленче ми рече дека ги донеле материјалите. Молам? А, ја прашувам, кој ќе пишува записник за примопредавање и како ќе ги примите тие материјали кога шефот не е тука. Но, очигледно овие четворица беа шефови. Па, ми вели Ленче, нема да пишуваме записник за примопредавање. Значи, држава паѓа. Цел свет слуша муабети со кои Зоран Заев мавта на плоштадот, а во Обвинителство се внесуваат без записник за примопредавање. Нечуено – вели Кадриу.

Таа вели дека обвинителите не се потпишувале на актите кои ги работат, зашто само Катица имала право на потпис.

-Единствен кој имаше право на потпис на сите акти што ги донесуваат обвинителите беше Катица. Значи ние не потпишувавме наши акти што ги работевме. Ние ќе изработиме, она ќе става потпис. И како сега овие четворица и искусни, демек, обвинители, значи газат по закон, истакнала Кадриу.

Слични содржини