Јас не сум чудотворец. Од друга страна, нити сум нечиј ас скриен во ракавот, ниту сум пак нечиј џокер. Јас сум Владо Бучковски, поранешниот премиер, кој во изминатите петнаесет години изгради доверба во бугарското општество, вели во интервјуто за Гласот на Америка новоименуваниот претставник на Владата за Бугарија.
-Верувам дека тоа ќе биде додадена вредност во напорите кои ги прави нашата Влада, да успееме да најдеме решение во духот на европските вредности. Бидејќи јас сум специјален претставник на Владата, првата средба ќе ја координираме со Владата. Во секој случај ќе направиме се во пресрет на Советот на министри на ЕУ, на деветти декември, да направиме дополнителни напори, да изнајдеме решение. Но ако не најдеме решение, тоа ќе биде дополнителен мотив за нас, да продолжиме да го градиме пријателството и соработката во духот на европските вредности, вели Бучковски.
На прашањето за тоа кои би биле нашите црвени линии Бучковски вели дека веќе се ние имаме разговарано за црвените линии и дека за нас е битно да влеземе во ЕУ, врз основа на она што е препознатливо за нас Македонците. Тоа е нашиот јазик, културата, нашиот идентитет.
– За нашите црвени линии говореше и претседателот на Владата и министерот за надворешни работи и други членови на Владата. Ние сакаме да влеземе во ЕУ, врз основа на она што е препознатливо за нас Македонците. Тоа е нашиот јазик, културата, нашиот идентитет. И мислам дека нашите пријатели од Софија тоа го разбираат, вели Бучковски.