Бучковски: Ќе влеземе во ЕУ со хармонизирани учебници

од Nikola Popovski
361 прегледи

Специјалниот претставник на Владата за преговорите со Бугарија, Владо Бучковски смета дека предлозите на бугарскиот премиер Кирил Петков се добра основа.

-На средбата на работните групи ќе можеме да покажеме дека сме направиле повеќе од Бугарија во инфраструктурата. Локвенец ја договори динамиката во изградбата на пругата со Бугарија. Го правиме експресниот пат и се прошири патот од Крива Паланка до границата. Имаме многу проекти во културата, а во економијата можеме повеќе. Имаме нов предизвик и не се предаваме, констатира Бучковски во дневникот на ТВ Сител.

Според него, премиерот Зоран Заев треба да остане на функцијата, „затоа што тој може да биде дополнителна гаранција на она што ќе го договориме со Петков“.

-Факт е дека новата бугарска влада наследи проблеми од претходниците. Мојот оптимизам почива на 5-те точки од нивната позиција. Бугарија инсистира на Република Северна Македонија, а не на Северна Македонија, вели Бучковски и додава дека „промената на историските учебници е предвидена според Договорот“.

-Во Договорот е пишано. Тенденцијата е дека тие ќе бидат хармонизирани, не само кај нас, туку и во Бугарија. Сметам дека ќе влеземе во ЕУ со хармонизирани учебници. Историската комисија работи за иднината и генерациите, потенцира специјалниот претставник на Владата.

Слични содржини