„Мислам дека проблемот е меѓу Софија и Скопје, а не во Брисел и Париз“, изјавил поранешниот премиер и поранешен специјален преставник на Владата за Бугарија, Владо Бучковски во интервју за БНР. Тој бил запрашан да ги прокоментира македонско-бугарските односи.
„Ќе бидеме посилни ако ја имаме поддршката од Бугарија, а Бугарија ќе биде посилна ако ние сме во ЕУ. Но и во двете земји има сили да го спречат тоа да се случи“, смета Бучковски.
„Жал ми е што овие 17-18 месеци не почнавме да разговараме како вистински пријатели. Ако сакаме Бугарија да биде наш стратешки партнер, треба да најдеме инструменти. Не верувам дека секој проблем треба да го бараме во Белград и Москва, проблемот е во Скопје и Софија“, коментирал поранешниот премиер.
„Мораме да работиме за идните генерации. Нека дојдат да видат дека Софија е европска престолнина, поблиска од Солун, а ние и покрај проблемите со Грција мислиме дека солунците ни се поблиски од софијаните“, порачал Бучковски.