Толку сме блиски, но изгледа им даваме многу можности да бидат се погласни оние кои не сакаат Македонија и Бугарија да бидат вистински сојузници. Реално популистите, патриотите кои се тепаат во гради се тие кои во конкретните моменти кога бараме решение, не прават да ни биде лесно, вели поранешниот премиер Владо Бучковски и поранешен специјален претставник на Владата за Бугарија, во интервју за бугарска „Нова“.
На прашањето на новинарот „ако ние кажеме или ќе признаете дека Гоце Делчев е Бугарин или нема да станете Европјани, како би одговориле?“
-Ако тоа биде условот, Македонија никогаш нема да стане членка на Европската Унија. Мислам дека тоа не е патот кој нè води до целта, одговори Бучковски.
Поранешниот премиер смета дека не било добро да се замрзне работата на Мешовитата историска комисија.
-Проблемите со реализацијата на договорот почнаа кога нашиот дел од комисијата побара во 2019 година, бидејќи изборите, кои беа предвремени, комисијата да не работи. А тие 6, кои потоа станаа 9 месеци во кои комисијата не работеше, направија проблем. Затоа, мислам дека комисијата треба да продолжи да работи, потенцира Бучковски.
Тој наведува дека компромисот мора да биде прифатен од општеството во Бугарија, но и од она во Македонија.
-Средбата на претседателот Пендаровски со партијата ОМО Илинден-Пирин не беше провокација. Тој се сретна со граѓани на Република Бугарија, кои се идентификуваат како Македонци, а од друга страна, македонските Бугари имаат средби со вашиот претседател… тоа всушност е баланс, смета Бучковски, додавајќи:
-Ние Македонците немаме поблиски од вас Бугарите. Други велат дека Србите ни се поблиски. Ние Македонците сме кроток народ и сакаме со разбирање да дојдеме до решенија. Со разбирање и верба дека можеме да се разбереме, вели меѓу другото Бучковски во интервјуто.