Бучковски: Нашите позиции се кристално јасни, Мицкоски е генератор на лажни вести

од Берта Китинска
816 прегледи

Нашите позиции се кристално јасни, што се слушна деновиве од премиерот Зоран Заев и од МНР Никола Димитров во Парламентот на Советот за интеграции. За жал, по кој знае кој пат, Мицкоски е генератор на лажни вести , вели во изјава за „Локално“ специјалниот пратеник на Владата за Бугарија, Владо Бучковски, во однос на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека тајно се преговара со техничката бугарска влада, за да се внесе декларацијата во рамката за преговори со ЕУ, која беше усвоена во бугарскиот парламент во 2019 година.

Денеска ВМРО-ДПМНЕ излезе на протест со цел да да ја натера владата да каже за што точно преговара со Бугарија. Прашан за блокадите на опозицијата премиерот Зоран Заев одговори со „Не можам да ја разберам“.

– Предлог на Португалија, која е актуелен претседавач со ЕУ, за надминување на разликите со Софија е доставен до нас, до бугарската страна, како и до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Мицкоски апсолутно знае дека предлогот е одличен и е појдовна основа за постигање на решението. И сега да продуцирате вака протести со 15 возила и 20 луѓе, 13 возила и 14 луѓе, не знам, 24 возила, ги следам извештаите кои излегуваат сега на медиумите, и 45 луѓе, е тоа се протести само за да се блокира сообраќајот низ градовите и е порака која што никако не можам да ја разберам, додаде премиерот.

Според него, ваквиот став на опозицијата веројатно е поради стравот дека постои можност земјава да направи исчекор кон ЕУ и кон евроинтеграциите и конечно да ја одржиме првата меѓувладина конференција.

– Навистина очекувам е да се помогне во ова, наместо да се блокира. Но, не е ништо ново. Во последните четири години од ВМРО-ДПМНЕ освен блокади, освен кочници, освен правење опструкции на важните процеси коишто ја гарантираат македонската иднина и во нашите интеграции и во делот на економскиот стандард и економските перспективи, немаме видено ништо друго, потенцираше Заев.

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров како член на Националниот совет за европски интеграции (НСЕИ) при Собранието, вчера учествуваше на првата конститутивна седница на ова тело во новиот собраниски состав.

Димитров се осврна на перспективите за европската интеграција на државата во пресрет на јунскиот Самит и обидите за надминување на пречките за усвојување на преговарачката рамка.

„Македонија ги исполни сите предуслови и според многу земји членки и претставници на ЕУ институциите во Брисел, сме веројатно најдобро подготвената земја која треба да ги започне пристапните преговори. Точката на која застанавме е усвојување на текстот на Преговарачката рамка од страна на земјите членки. Да нема дилеми, нашите позиции се темелат на кристално јасни принципи и во однос на меѓународното право и во однос на Лисабонскиот договор и други важни столбови во смисла на правните акти на Европската Унија, како што се актите во областа на човековите права посебно“, истакна Димитров.

Б.М.

Слични содржини