Специјалниот претставник на Владата, Владо Бучковски оцени дека во овој момент не може да се направи многу во однос на прашањето со Бугарија.
-Ние сме подготвени, но од другата страна немаме соговорник со полн легитимитет за да ги заокружиме преговорите со Бугарија, истакна Бучковски
развојот на настаните во Бугарија навестува дека таа навлегува во сериозна политичка криза, а во следните три месеци ќе има техничка влада која ќе биде предложена од претседателот Радев, рече Бучковски на гостувањето во централниот дневник на телевизија Сител.
– Сето тоа невестува дека во периодот што претстои ќе јакне улогата на претседателот Радев. Ние досега имавме редовни контакти со него и со неговиот Кабинет. Морам да признаам дека на средбата што ја имав во втората половина на декември, не видов разлика меѓу позициите кои ги имаше Владата и претседателот. Тој со гордост говореше дека и Декларацијата во Парламентот е донесена на негово инсистирање. Така што треба да бидеме свесни дека бугарските позиции ќе бидат тврди и во иднина, но од друга страна и нашите позиции се кристално јасни до каде и што можеме да направиме како отстапка во преговорите. Ние велиме – не одиме подалеку од рамките на Договорот за пријателство и соработка и сметаме дека тој е нашата најсилна заштита. Од друга страна евидентно е дека атмосферата во ЕУ станува понаклонета да се најде некое решение, истакна Бучковски.
Она што во овој ваккум период би требало да продолжи, според него, е да се гради клима на доверба во делот на медиумите, културата, образованието, бизнис заедницата и младите.
– Но, од друга страна, за клучните политички прашања треба да имаме соодветен соговорник, рече Бучковски, додавајќи дека иако во Бугарија во моментот има функционални институции, сепак владите се тие кои преговараат.
Истакна дека бил убеден дека завршниот договор ќе биде направен по бугарските избори, но, вели, ако тоа не успееме да го направиме сега, тогаш втората шанса е по нивните избори за претседател кои би се случиле во ноември-декември.