Бучковски: Поголемиот дел од јавноста направи равенство помеѓу Бучковски и Груевски, затоа се лутам

од Aleksandar Todeski
241 прегледи

И во првата изјава кажав дека успеавме да победиме систем кој беше инсталиран во правосудството, рече поранешниот премиер Владо Бучковски во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 во врска со застарување на случајот „Тенковски делови“.

„Прво што помислив е дека поголемиот дел од јавноста ќе направи равенство помеѓу Бучковски и Груевски, бидејќи и на него му беше застарено делото. Затоа се лутам дека во моментот кога обвинителството реши да го преиначи делото зошто немаше штета кај нас, можеше да побара ослободителна пресуда, но остави да застари. Од злоупотреба при набавката за тенковски делови, кои имаат веројатно поголема вредност денеска отколку кога беа набавени, но бидејќи беа доказ, за среќа на наша страна, дека не се направила злоупотреба. Апелацискиот суд предводен од Виолета Дума донесе одлука со која ја прекина пресудата, почна голготата за нас обвинетите. Делото од апсолутна штета го преиначија во некаква штета, што не успејаа да докажат“, рече Бучковски.

Екс премиерот рече дека тој, за разлика од Груевски останал во државата, не избегал во Атина или некое друго место за да чека апсолутна застареност на делото.

Според него, Филимена и Михајло Маневски направиле систем дека ако судиите и обвинителите се со нив, следува награда, ако не следува казна.

„Ова беше нарачан случај. Обвинителот кој не гонеше без докази, Петар Аневски, стана претседател на Советот за јавни обвинители. Горчината кај мене е што пријавивме секаде, единствено во Стејт Департментот стоеше четири години дека е нарачан судскиот процес и откако настрада Дума, стана јасно дека на тој начин ќе функционира нашиод судски систем, награда или казна. Во 2003 година ОЈО го имаше овој предмет и го затвори во јули месец истата година. Во 2007 година кога Груевски најави борба со корупцијата, очигледно беше дека треба да има високо профилирани личности па ги одбраа поранешниот премиер и поранешниот заменик премиер“, истакна Бучковски.

Тој рече дека има желба за правдата и дека тоа нема да го обесхрабри во било која пригода, ако се формира институција која ќе прави проветрување во правосудството да им го даде неговиот случај за пример како не треба да функционира тоа.

 

Слични содржини