Бучковски предвидува: Ќе биде крената бугарската блокада, отварањето на преговорите со ЕУ конечно ќе стане реалност!

од Берта Китинска
462 прегледи

Надежите дека во декември земјата ќе добие датум за преговри повторно се срушија откако Бугарија кажа дека нема намера да ја промени позицијата за Северна Македонија до крајот на 2021 година. Пред скоро еден месец Софија доби нова влада која откако го презеде раководството предложи рок од шест месеци за да се изнајде решение за спорот.За тоа дали во Новата година блокадата ќе биде тргната и пред какви предизивици ќе се исправи нашата земја „Локално“ поразговара со специјалниот претставник на македонската Влада за Бугарија, порф.Владо Бучковски.

-2021 година е година во која Бугарија немаше 8 месеци политичка влада (имаа на трипати парламентарни избори и плус претседателски избори заедно со третите парламентарни избори)…тоа имаше сериозен одраз во нашите напори да се изнајде заедничко прифатливо решение и да се одблокира нашиот пат кон ЕУ, вели Бучковски.

Тој објаснува дека и покрај непредвидливите околности, постигнат е напредок во делот на градењето довербата.

-Голема работа е завршена со Договорот за соработка помеѓу нашата новинска агенција МИА и Бугарската телеграфска агенција БТА. Ние имаме веќе 9 месеци свој известувач од Софија, БТА има свој известувач од Скопје…на дневна основа се разменуваат информации, а за време на катастрофалната автобуска несреќа пред еден месец на автопатот Струма, заедничка екипа на БТА и МИА ги пренесуваше заеднички сите информации од теренот. Понатаму, националните телевизии МРТВ и БНР, во март склучија договор за соработка кој предвидува размена на програми, заеднички емисии и заедничка продукција. Сателитската програма на БНТ4 се пренесува на МАКС ТВ кај нас, нашата сателитска програма на МРТВ се пренесува на кабелскиот оператор НеоСат Булгарија. Понатаму, државниот универзитет од Велико Трново, во соработка со нашиот Славјански универзитет од Свети Николе, почнаа со заедничко организирање на мастер студии во Свети Николе…, смета Бучковски.

Рокот од 6 месеци , исполнет со интензивни средби на работните групи, може да се скрати, вели специјалниот претставник додавајќи дека е во тоа убеден, но остава простор ситуацијата да стане појасна откако ќе се одржи средбата на нашиот премиер Ковачевски и новиот бугарски премиер Петков која е закажана кон средината на јануари.

Во однос на изјавите на Мицкоски поврзани за Петков дека не е храбар политичар, Бучковски смета дека новиот бугарски премиер во своите настапи говори за заедничко прифатливо решение, a не за наметнато решение.

-Не го делам мислењето на Мицкоски дека Петков не е храбар политичар. Не знам дали Мицкоски ги следи внимателно неговите јавни настапи…Петков говори за заедничко прифатливо решение, не за наметнато решение! Еве, на пример вреди да се прочита интервјуто на Петков за „БТВ 120 минути„, од мината седница…Петков говори дека треба да се почитуваат и македонските црвени линии, објаснува професорот.

Најголема опасност е да имаме замрзанат конфликт

За планот „5+1“ и „хармонизирање“ на учебниците Бучковски тврди дека оваа спогодба произлегува од Договорот за пријателство и соработка од 2017.

-Впрочем задача на заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања е меѓу другото и да ги усогласи текстовите за учебниците… Јавноста е информирана дека веќе подолго време неуспешно се работи на усогласување на текстот за учебниците по историја за основно образование за царот Самоил…, подвлекува тој.

Според него , најголема опасност во овој процес на преговори е замрзнатиот конфликт.

-Верувам дека извлековме поука од спорот со Грција околу разликите за нашето уставно име. Факт е дека во тој спор, со Грција , времето не беше наш сојузник ! Денес, на сите ни е јасно дека ако спорот го решевме пред 10, 15 или 20 години, ќе имавме далеку подобро решение ( секако без употреба на новото име за внатрешна употреба), смета Бучковски кој прогнозира дека во Новата година ќе се постигне заедничко решение со Бугарија.

– Очекувам во 2022 година да постигнеме заедничко прифатливо решение со Бугарија, решение кое ќе почива на взаемно уважување и решение кое ќе биде одржливо.Ќе биде крената бугарската блокада! Отварањето на преговорите со ЕУ, конечно ќе стане реалност!, подвлекува тој.

В.З.

Слични содржини