Специјалниот претставник на Република Северна Македонија за односи со Бугарија, Владо Бучковски денеска ќе пристигне во Софија за да разговара за акцискиот план за Договорот за соседство меѓу двете земји, пишуваат бугарските медиуми.
Оваа недела тој исто така ќе оствари средба со министрите Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов.
Според македонските медиуми, целта на посетата на Бучковски е враќање на довербата меѓу двете земји и имплементација на Договорот за соседство и пријателство, кој беше потпишан на 1 август 2017 година. Владо Бучковски беше назначен за специјален пратеник на македонската влада во Бугарија на почетокот на декември 2020 година, откако Бугарија го блокираше почетокот на разговорите за членство на земјата кон ЕУ на крајот на ноември. Причината е спорот околу спроведувањето на Договорот за соседство.
Бучковски минатата недела за македонската телевизија изјави дека комуникацијата со Бугарија се интензивира, без да даде детали.