Буџетот за спроведување на натпреварувањата од Олимписките игри во Пјонгчанг од 9 до 25 февруари е 2,4 милијарди долари. Ова го најави претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах. Тој рече дека сите спортски објекти се целосно подготвени.
„Сите спортски објекти се завршени. Тие се исклучителни и нудат најдобри услови за зимски спортови“, прокоментира Бах, додавајќи дека веќе е поставен еден зимски олимписки рекорд со бројот на земјите-учеснички – 92.
Интересот за трките во Република Кореја е голем, откако 78 проценти од билетите за одделните дисциплини се распродадени.
Претседателот на МОК исто така, објави дека ќе учествува во штафетата со олимпискиот оган во петокот наутро по локално време. Тој ќе го предаде факелот на претседателот на Генералното собрание на ОН, Мирослав Лајчак.
Церемонијата на отворањето на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг е во 20.00 часот по локално време.