Легендарниот голман на Јувентус, Џанлуиџи Буфон ја поздрави можноста крилото Анхел Ди Марија да му се приклучи на тимот.
Актуелниот голман на Парма беше соиграч со аргентинскиот репрезентативец во Пари Сен Жермен во сезоната 2018/19 и зборуваше многу љубезно за него.
„Во моментов Ди Марија би бил како Марадона во Серија А. Дали сум јасен? Фудбалерите треба да се оценуваат во контекст на тоа каде играат. Сега Серија „А“ е технички послаба, а Анхел располага со толку добра техника. Одлучен е пред голот и така лесно ги дрибла противниците. Тој е добар во давањето асистенции, трча напред-назад на теренот и може да игра различни улоги. Накратко, тој е фудбалер. Има 34 години? Јас имам 44 години, но сè уште играм. Годините не се важни. Мотивацијата и страста се многу поважни, а исто така и одлучноста. На последниот натпревар помеѓу Аргентина и Италија, Ди Марија никогаш не беше фатен од нашите дефанзивци. Тој секогаш знае како да се најде на вистинското место во вистинско време. Тој не ја допира само топката, туку ја гали. Секогаш ја држи залепена за неговата нога. За голман кој ќе види како му приоѓа, останува само едно да направи: да се крсти“, истакна Буфон.
„Ако Ди Марија дојде во Јувентус, тоа значи дека е подготвен за тоа. Зборуваме за примерен професионалец и фин човек кој никогаш не се откажува и се бори на натпревари и тренинзи. Повторувам, во денешната Серија „А“ би бил како Марадона. Ди Марија честопати беше принуден да остане во сенка на други играчи, попрепознатливи на медиумски план, иако ги има истите квалитети. Во ПСЖ играв со Нејмар, младиот Килијан Мбапе и Марко Верати, но Ди Марија не беше инфериорен во однос на ниту еден од нив. Кога ја освои десеттата со Реал Мадрид во 2014 година, играше со Карим Бензема, Кристијано Роналдо, Лука Модриќ и Тони Крос. Секогаш беше чекор поназад, но знаеше да игра како крилен играч, офанзивен играч за врска, па дури и бек. Зборуваме за шампион, а на фудбалот му требаат такви“, прокоментира Буфон за „Газета дело спорт“.