„Бугари во Уставот, па продолжување на преговорите со ЕУ“

од Берта Китинска
191 прегледи

Се надевам дека сега во Парламентот на Северна Македонија ќе може да се создадат предуслови за продолжување на ангажманот во преговорите за членство, вели првиот човек на Комисијата за надворешна политика во германскиот Бундестаг, Михајл Рот при посетата на Скопје.

-Знам дека за мнозинството не е лесно кога се во прашање овие уставни измени, но секој мора да си го постави прашањето, не како можам да ѝ помогнам на мојата партија, туку како да ѝ помогнам и да придонесам за мојата земја. Знам дека политичарите во државата сега мора да продолжат со демократски чекори, да ја јакнат демократијата, да продолжат со борбата против корупцијата и непотизмот, да отвораат работни места, но пред сè, ЕУ сега мора да ја врати изгубената доверба, да не останат само празни ветувања, објасни Рот.

Тој рече дека ја чувствува фрустрацијата и разочарувањето од ЕУ, но и дека ги охрабрува Македонците да зачекорат по европскиот пат.

По средбата со Рот, пратеникот Антонио Милошоски на социјалните мрежи го повтори ставот на партијата дека пратениците на ВМРО – ДПМНЕ нема да ги прифатат бугарските уцени за смена на Уставот.

Мицкоски оствари средба со Рот

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателите Александар Николоски и Тимчо Муцунски, како и секретарот за меѓународна соработка Стефан Андоновски, оствари средба со претседателот на Комисијата за надворешни работи на германскиот Бундестаг.

На средбата од страна на претседателот Мицкоски беше истакната благодарност за помошта што до сега сме ја имале од Германија како на патот кон евро-атлантските организации така и економски.

Претседателот истакна дека моментно Владата што ја води Македонија нема кредибилитет да управува со државата и дека дополнително сите чекори што ги влече ја водат државата во економска неизвесност и катастрофа.

Беше предочено дека Владата воопшто нема капацитет да се справи со кризата што ја имаме, а во голема мера е резултат на домашно генерирана неработа и криминал, но и дека очекувањата на граѓаните и стопанството од власта се песимистички.

Претседателот Мицкоски истакна дека народот бара надеж и дека се потребни избори и промена на власта. Дополнително, беше истакната и заложбата на партијата за членство во ЕУ.