Бугарија се обидува да најде начин да биде ослободена од новите американски санкции против најголемата приватна нафтена компанија во Русија, „Лукоил“, бидејќи се плаши дека мерките ќе предизвикаат сериозен недостиг на гориво и популистичка реакција низ целата земја, пишува денеска „Политико“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, минатата недела објави санкции за двата најголеми руски производители на нафта – Роснефт и Лукоил, што ги натера неколку земји од ЕУ каде што работат овие компании да се борат за исклучоци.
Бугарија е дом на огромната рафинерија Бургас во сопственост на Лукоил, која обезбедува до 80 проценти од горивото во земјата, поради што од Вашингтон е побарано да ги одложи санкциите по 21 ноември, кога треба да стапат на сила.
Владата на Бугарија е загрижена дека санкциите би можеле да ја принудат рафинеријата да се затвори, предизвикувајќи широк недостиг на гориво и протести.
Извори на бриселскиот портал велат дека официјална Софија тврди дека тоа би можело да го забрза падот на владата, зајакнувајќи ја поддршката за бугарскиот претседател Румен Радев, личност која некои ја сметаат за проруска, која јавно ја изнесе идејата за создавање нова политичка партија.
Бугарското Министерство за енергетика одбило да коментира за оваа информација за Политико, а молк и од кабинетот на претседателот на Бугарија.
Поранешниот амбасадор на Бугарија во Русија, Илијан Василев, смета дека станува збор за тактика на заплашување од страна на владата, со цел да се избегне брза продажба на рафинеријата.
-Постојат легитимни интереси и сериозни интереси во купувањето на средствата на Лукоил, тврди Василев.
Унгарија и нејзиниот премиер Виктор Орбан, исто така, побараа ослободување од примената на американските санкции.