Народното собрание на Бугарија со 146 гласови „за“ го ратификуваше договорот за донирање 51 480 дози на вакцина „Фајзер“ на Република Северна Македонија, пренесува mediapool.bg.
Дозите на вакцини што ќе се донираат се со серии броеви FA7083, FC8736 и FA4632 и со рок на траење до 30 септември 2021 година. Донацијата е вредна 1 560 635 лева.
Во текот на дискусиите за ратификациите, министерот за здравство Стојчо Кацаров посочи дека доколку Народното собрание денеска не донесе одлука и доколку ја одложи ратификацијата, вакцините нема да бидат достапни за Република Северна Македонија. Тој објасни дека компанијата „Фајзер“ не дозволила ниту една земја да обезбедува, продава или донира вакцини без ратификација од Народното собрание и апелираше до пратеникот Христо Гаџев од ГЕРБ-УДФ да не дава предлози за промени барем за оваа ратификација, за да не се запре донацијата.
Министерот Кацаров им објасни на новинарите дека ова е прва донација на вакцини за Република Северна Македонија. Според Кацаров, требало да се изврши во јуни, но поради процедурите кои се вон наша контрола, тоа не успеало и последователно, самата Република Северна Македонија се откажала.
– Сега сум многу благодарен на Народното собрание што ги прекина игрите, рече Кацаров.
Останатите договори за донации на вакцини против ковид-19 поради барање за предлози за измени и дополнувања на предлог-законите меѓу првото и второто читање, ќе бидат повторно разгледани за да бидат ратификувани. Рокот за поднесување предлози е три дена.