Бугарија ќе го поддржи пред Европската Унија забрзувањето на изградбата на железничката инфраструктура долж Коридорот 8 на територијата на Република Северна Македонија. Ова го изјави заменик-министерот за транспорт и врски Красимир Папукчииски на средба со генералните директори на раководителите на инфраструктурите на двете земји, јави прес-центарот на министерството.
„Коридорот 8 е од стратешко значење не само за Европската Унија, туку и за развојот на целиот балкански регион. Оваа транспортна врска ќе даде можност да се зголеми товарниот проток од пристаништата Варна и Бургас преку Северна Македонија, правец Драч кон Европа. Ова значително ќе ја подобри поврзаноста меѓу двете земји“, рече Красимир Папукчииски, цитиран во соопштението.
Заменик министерот ја истакна желбата на Бугарија да обезбеди стручна и методска помош на специјалистите на РСМ во подготовката на предпроектните студии, како и во управувањето со проектите за модернизација на железничката инфраструктура, финансирани со европски средства.
Красимир Папукчиски истакна дека, покрај изградбата на железничката инфраструктура, важен елемент за поврзување во правец север-југ и исток-запад е изградбата на интермодални терминали.
„Националното претпријатие за железничка инфраструктура до крајот на оваа година ќе започне постапка за изградба на интермодален терминал во Русе, согласно Планот за закрепнување и одржливост“, најави Папукчиски. Тој додаде дека според експертската проценка, ефикасноста на транспортниот систем во Северна Македонија значително ќе се зголеми доколку се направат напори за изградба на дополнителна инфраструктура за опслужување на интермодалниот транспорт долж главните железнички линии.
За време на разговорите се разговараше за развојните фази на проектот тунел Деве Баир, како и за можностите за дополнително финансирање
На 14 септември годинава Министерот за транспорт и врски на Република Северна Македонија, Благој Бочварски, при посетата на Струмица, изјави дека избраните изведувачи за првите две од трите делници на железничката пруга што треба да ги поврзат двете земји (Куманово-Белјаковце и Белјаковце-Крива Паланка) веќе ги мобилизираат своите стручни тимови и опрема за да започнат со работа на терен.
„Македонски железници инфраструктура“ на крајот на јули годинава потпиша договор со австриската компанија „Штрабаг“ која треба да ги заврши работите за реконструкција и доизградба на првата делница од трасата, како и со турската „Ѓулермак “ за целосна изградба на втората делница. До крајот на годинава мора да се распише тендер за избор на изведувач на третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија.